И Клоп знае да „збесне“ на новинарско прашање: Да, го променив мислењето, па што!?

Германскиот стратег на клупата на Ливерпул, Јирген Клоп често во последно време е под „удар“ на новинарите, но и дел од навивачите, поради изјава дадена пред две години.

Тогаш Клоп, откако Манчестер јунајтед го купи Пол Погба од Јувентус за околу 100 милиони евра, истакна дека ќе се повлече од фудбалот ако таквата пракса стане правило, дополнувајќи дека тоа не е негова филозофија на изградба на еден тим.

Сепак, Клоп и Ливерпул последниве две години потрошија околу 250 милиони фунти за нови фудбалери, а шлаг на тортата беше доаѓањето на голманот Алисон Бекер од Рома за дури 67 милиони фунти.

Новинарите, пред почетокот на Интернационалниот куп, ги интересираше дали Клоп го променил мислењето околу трансфер-политиката, на што Германецот сериозно „збесна“…

„Не ме интересира што мисли светот, како што ниту Манчестер јунајтед не го интересираше кога јас зборував пред две години. Тоа беше мое мислење во тој момент. Дали сум го променил мислењето? Да, вистина е. Подобро да се промени мислењето и ставот, отколку воопшто да го немате“ – рече Клоп и дополни:

„Ги имаме сега фудбалерите кои ги сакавме. А мене ми се случувале и полоши работи од тоа да ме прозиваат за промена на мислење, и сум имал и полоши денови во животот. Тоа не ми пречи, се е во ред. Тоа е проблем на денешницата. Кога ќе кажете некое с..ње луѓето никогаш нема да го заборават. Не можев тогаш ниту да помислам дека цените толку ќе се скокнат и ќе се даваат по 100 милиони фунти за фудбалери. Ми беше тоа тогаш некоја луда цифра“.

Се вчитува...