И покрај очајната посета против Зенит: Вардар со иста цена на билети и за Реал Сосиедад

И покрај очајната посета на првиот натпревар од Лигата на Европа против руски Зенит, и најавите потоа од раководството на клубот дека за следниот домашен натпревар ќе бидат преземени одредени мерки, сепак од Вардар се одлучија со иста цена на билетите да го очекуваат и дуелот против Реал Сосиедад кој се игра на 19. октомври со почеток од 19 часот.

Вардар објави дека почната е продажбата на единечните билети за дуелот со Реал Сосиедад по иста цена како и претходно против Зенит.

Цената за блоковите 1, 6, 7, 8, 9, 10, 13, 19, 25, 26, 27, 28, 29 и 30 изнесува 600 денари. За блоковите 2, 5, 14, 18, 20 и 24 билети се продаваат по цена од 900 денари, а за блоковите 3, 4, 15, 16, 17, 21, 22 и 23 чини 1.200 денари.

Интересно е дека сопственикот на Вардар, Сергеј Самсоненко на прес-конференцијата ден по дуелот против Зенит истакна дека потфрлиле околу ПР кампањата за средбата со рускиот тим, па порача дека за следниот домашен меч ќе биде подобро најавен дуелот и искористен маркетингот за промоција на клубот и привлекување на повеќе гледачи на трибините.

„Имавме лоша ПР-кампања за овој дуел со Зенит.. Јас сум убеден дека ќе биде подобро за следниот меч, затоа што ќе преземеме мерки. Ние имавме веќе состанок на оваа тема“, рече тогаш Самсоненко.

Се вчитува...