И Работнички подготвува стапица за „ранетиот“ Вардар!

По победата над Пелистер (2-0), Работнички го очекува нов вистински тест денеска од 14:30 часот на националната арена „Филип Втори“ против Вардар во 12. коло од шампионатот на Македонија.

„Романтичарите“ се свесни дека ги чека повеќе од тежок дуел против сега „ранетиот“ Вардар, кој по поразот од Победа, сигурно посакува враќање на победничките патеки. Но, и составот на Горан Станковски има свои математики…

„Можам да кажам дека победата над Пелистер ни дојде во вистинско време. За да ја вратиме самодовербата и да се мотивираме уште подобро пред дуелот со Вардар. Се надевам дека ќе продолжиме со уште подобри изданија во наредниот период, и против Вардар ќе ја повториме играта од неделниот меч со Пелистер. Во таков случај, верувам дека ќе успееме да оствариме позитивен резултат и против шампионот. За мене денеска ќе биде прво дерби со „црвено-црните“ во сениорска конкуренција, се надевам дека ќе има и среќен епилог“ – вели младиот фудбалер на Работнички, Миле Тодоров.

Но, и во таборот на Вардар добро знаат дека не смеат да си дозволат нов кикс…

„Пред нас имаме дерби и не смееме веќе да си дозволиме грешка. Одиме како и на секој натпревар да ги освоиме бодовите од овој дуел и да победиме. Го загубивме натпреварот со Победа, но имаме шанса веќе утре да се вратиме на победничките патеки. Треба на секој натпревар да размислуваме на три бода. Верувам дека ќе успееме да ги освоиме бодовите, и така најбрзо да го заборавиме натпреварот со Победа. Треба сите да дадеме максимум. Ова е дерби во кое се е можно. Имаме желба и мотиви да дојдеме до триумф на овој натпревар, и да почнеме една нова победничка низа во првенството“ – вели Николов.

Главен судија на дербито на „Филип Втори“ ќе биде Димитар Мечкаровски од Скопје.

ДВОЈКИ – 12. КОЛО (денеска, 14:30 ч.)

Скопје: РАБОТНИЧКИ – ВАРДАР

Струмица: АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – ШКЕНДИЈА

Битола: ПЕЛИСТЕР – СИЛЕКС

Тетово: РЕНОВА – СКОПЈЕ

Скопје: ШКУПИ – ПОБЕДА

Се вчитува...