И Роџер Федерер се откажа од ЛОИ во Токио – Новак Ѓоковиќ се уште размислува

Еден од најдобрите тенисери на сите времиња, Роџер Федерер е нов во низата тенисери кои одлучија да не настапат на Летните олимписки игри во Токио. Иако прво Швајцарецот изјави дека ќе биде дел од најголемата смотра на спортистите во светот, сепак денеска објави дека поради нови проблеми со коленото, повреда која го мачи веќе година и пол ќе мора да ги пропушти игрите.

„Во текот на сезоната на трева повторно доживеав мали проблеми со коленото и затоа мора да се повлечам од игрите во Токио. Многу сум разочаран, бидејќи секогаш ми е голема чест кога ја претставувам мојата земја. Почнав со процесот на рехабилитација и се надевам дека ќе се вратам на турнирите до крајот на летово. Му посакувам на целиот швајцарски тим многу среќа, ќе навивам за вас“, напиша Федерер. 

Се уште не се знае дали Новак Ѓоковиќ по напорните два месеци и освојувањето на титулите на Ролан Гарос и Вимблдон ќе учествува и на игрите во Токио, а конечната одлука се очекува Србинот да ја донесе во следните неколку дена.

Се вчитува...