И-С-Т-О-Р-И-Ј-А: Македонија за првпат го живее сонот за Мундијал!

МАКЕДОНИЈА ЗА ПРВПАТ ВО СВОЈАТА ИСТОРИЈА ГО ЖИВЕЕ СОНОТ ЗА МУНДИЈАЛСКИ НАСТАП!

Со победата над Исланд во последното коло од квалификациите за СП 2022, Македонија стигна до второто место во Групата Ј кое носи бараж за пласман на Мундијалот следната година во Катар. Селекцијата на Благоја Милевски максимално доминираше на дуелот со Исланѓаните во текот на сите 90 минути сосема заслужено доаѓајќи до победа од 3-1 (1-0) и покрај тоа што во еден момент противниците успеаја да не „замрзнат“ со израмнување во 54. минута.

Но, 19 шута кон противничкиот гол од кои седум во рамките на голот, три погодоци и плус еден поништен гол поради ВАР-реакција, сето тоа повеќе од доволно зборува колку македонските херои го заслужија местото во баражот за СП 2022.

Агресивниот почеток веднаш веќе во 2. минута донесе одлична шанса за Трајковски но неговиот шут откосо од левата страна за малку завршува покрај дирекот од голот на Исланд. Веќе во 4. минута и Елмас шутира од 16 метри, но Олафсон со крајни напори брани исфрлајќи во корнер.

И тоталната офанзива вроди со плод во 7. минута, кога Трајковски одлично по левата страна го проигра Езгијан Алиоски а левокрилниот дефанзивец испраќа „бомба“ откосо за прекрасен погодок за водство од 1-0.

По погодокот и натаму ја продолжи иницијативата пред гостинскиот гол. Се редеа можности, но непрецизно завршија обидите на Дарко Велковски по корнерот во 22. минута, како и на Енис Барди во 24. минута. И во 26. минута 100% шанса за Милан Ристовски кој избива сам пред гостинскиот гол, но Олафсон брани.

Во 37. минута уште еден обид, овој пат со глава, на Милан Ристовки, но над голот на Исланѓаните.

А, во 41. минута и поништен погодок за Македонија. По шутот на Алиоски и одбиената топка од гостинскиот голман, Чурлинов од 7-8 метри ја тресе мрежата, но по ВАР-проверката голот е поништен затоа што Чурлинов е милиметри во офсајд-позиција.

Во второто полувреме се стартуваше на ист начин. Македонија повторно со контрола на играта и активна офанзива, но Исланѓаните од првиот свој конкретен напад на мечот дојдоа до израмнување со голот на Торстеинсон во 54. минута.

И потоа повторно максимална активност во нападот на избраниците на Благоја Милевски. Сето тоа води до мешаница пред голот на Исланѓаните, и мајсторија на мал простор на Елиф Елмас кој во 65. минута погодува за 2-1.

Во 79. минута „дијамантот“ Елиф Елмас мајсторски го намести Јоханесон кој го заработува вториот жолт картон, и Исланд до крајот игра со фудбалер помалку.

И во 86 минута, кој друг ако не Елиф Елмас со својот втор погодок го запечати нашиот пат кон мундијалскиот бараж.

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022 – ГРУПА Ј (10. коло)
МАКЕДОНИЈА – ИСЛАНД 3-1 (1-0)
Национална арена „Тодор Проески“ во Скопје. Гледачи: 17.000. Судија: Давиде Маса (Италија). Стрелци: Алиоски 7′, Елмас 65′,86′ (М) – Торстеинсон 54′ (И). Ж. картони: Димитриевски, Костадинов, Елмас, Миовски, С. Ристовски (М); Б. Бјарнасон, Јоханесон, Гудјонсен, Тордарсон (И).
МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, С. Ристовски, Велковски, Муслиу, Алиоски, Барди, Костадинов, Елмас, Чурлинов (63′ Ашковски), Трајковски (77′ Спировски), М. Ристовски (77′ Миовски)
Селектор: Благоја Милевски
ИСЛАНД: Олафсон, Саеверсон, Гретарсон, Бјарнасон, Тораринсон, Јоханесон, Б. Бјарнасон, Тордардсон, Гудмундсон, Гудјонсен, Торстеинсон
Селектор: Арнар Видарсон

РЕЗУЛТАТИ – ГРУПА Ј (10. коло)
МАКЕДОНИЈА – Исланд 2-1

Ерменија – Германија 1-4

Лихтенштајн – Романија 0-2

Се вчитува...