И шампионот со реакција за судењето: Приватна војна против МЗТ Скопје (ВИДЕО)

Судиските неправди се се’ почеста слика во мак-баскетот, а во последно време имаме сериозни реакции од страна на клубовите за начинот на делење на правдата на натпреварите. Пред крајот на годината, жестока реакција имаше од страна на Црн Дрим, а по огласувањата на КК Пелистер и КК Куманово, сега се огласи и КК МЗТ Скопје.

Убедливо најголема судиска кражба во историјата на македонската кошарка. Ваков беше описот на еминентен кошаркарски работник, чие име разбирливо не го соопштуваме, за делењето на (не)правдата на завчерашниот меч на МЗТ Скопје Аеродром против ТФТ, со кој не само што се согласуваме туку и велиме дека не станува збор за незнаење, туку за очигледна тенденција и намера да се оштети нашиот клуб.

Пресметката со дебитантот ја добивме убедливо, но тоа нема да не спречи да го изнесеме нашиот револт на начинот на кој судиската тројка се обиде да изврши класична егзекуција врз МЗТ Скопје Аеродром. Како ние да бевме тим кој допрва се пробива на кошаркарската мапа, а ТФТ, кому му честитаме на силниот отпор, седумкратен шампион и синоним за макбаскетот на европско ниво. Забелешки на судењето и тоа големи, за кардинални грешки во клучните моменти кои го решија победникот, имавме и за средбата со Пелистер, но тогаш не излеговме јавно да протестираме, за да не се сфати како своевидно „плачење“ по поразот.

Но, тоа што се случуваше во четвртокот беше срамно, перфидно, калкулантски и со намера да се нанесе штета на нашиот клуб, на што нема да молчиме. Победивме, но и покрај тоа поднесовме жалба по средбата на судиската кражба и тоа покрај големиот отпор од официјалните лица, кои намерни ги кршеа актите и долго по средбата не ни дозволуваа да си го оствариме нашето право, предвидено со актите на КФМ. Побаравме експертиза на судењето на оваа средба и ригорозна казна за сите актери на оваа перфидна игра по налог на луѓето на највисоки позиции во македонската кошарка.

Едноставно, нема да го премолчиме понижувањете на кошаркарска величина како Дамјан Стојановски, една од легендите на макбаскетот, кој од судиите беше третиран како почетник. Кога беше јавнат од зад грб од противнички играч, нему му беа досудени чекори, двапати беше украден во борба за топка во ситуации во кои дури и на слепите им беше јасно дека таа требаше да биде за нашиот тим. Со својата арогантност и перфидност, тие дури и си дозволија да му досудат техничка грешка за блага реакција, а не реагираа кога од противничкиот тим константно беа пцуени до седмо колено.

Нема да го премолчиме различниот критериум за идентични ситуации, за мижењето пред прекршоци очигледни како удари со тупаница по глава, за недосудени неспортски грешки на противнички играч, кој двапати можеше дури и да повреди наши кошаркари, како и за поништени поени по ситуација во која од вселенската станица „Мир“ се гледаше дека топката удри во таблата. И за неброените чекори на противничките играчи. За секоја од овие и за многу други ситуации имаме видео-докази, кои сме подготвени да ги испратиме и до ФИБА, АБА, УЛЕБ, за да видат што се случува кај нас и да видат какви судии има во Македонија. Па тие после нека кажат дали тоа го направиле од незнаење или по нечија директива.

Свесни сме дека делителите на (не)правдата не се толку лоши судии, колку што се приморани на една ваква егзекуција врз МЗТ Скопје Аеродром. Нечесно е тие да е користат како пиони во нечија приватна војна против нашиот клуб. Сѐ знаеме и слушаме што се говори во кошаркарските кулоари и за тоа што со борбата на нашето право за ланската титула сме погодиле нечие, очигледно, огромно его.

МЗТ Скопје Аеродром бил и ќе биде, а луѓето на кошаркарска власт ќе доаѓаат и ќе си заминуваат. Колку брзо ќе биде нивното заминување зависи токму од ваквите потези, со кои го навлекуваат гневот, не само на нашиот туку и на другите клубови, на кои им е јасно дека порано или подоцна ќе се најдат на линијата за отстрел ако направат нешто што не им се допаѓа на властодршците.

Сега на потег е КФМ и нивната комисија за експертиза на судењето. Од тие луѓе зависи што ние ќе правиме следниот период и каде и како ќе ја бараме нашата правдина. Убедени сме во исправноста на нашите барања, а сигурни сме дека на наша страна ќе биде и целата јавност кога ќе ги погледне видео-исечоците од судиската егзекуција што ни се случи на последните две средби – стои во соопштението на МЗТ Скопје.


Се вчитува...