И Шевченко му удри „корпа“ на Милан

Милан навидум му укажува доверба на тренерот Џампаоло, но директорите Малдини и Бобан во меѓувреме мака мачат да најдат добар стратег што би можел да ги извлече „росонерите“ од големата криза. Идеално решение беше клупската легенда Андриј Шевченко, но и Украинецот се приклучи на листата стратези што во изминатиот период ја одбија понудата да седнат на клупата на овој клуб.

„Сите што ме познаваат знаат дека Милан ми е во крвта, но доаѓање на тренерската клупа не е опција во моментов. Целосно сум фокусиран на работата со украинската репрезентација, желба ми е да ја одведам својата земја на европскиот шампионат и ќе сторам се за овој сон да се оствари. Верувам дека Милан ќе излезе од кризата, но тоа ќе биде без моја помош. Бобан и Малдини се исклучителни луѓе, ќе ги донесат вистинските одлуки и нашиот клуб повторно ќе победува“ – порача Шевченко.

Потрагата по нов стратег продолжува, а Џампаоло сигурно ќе ги води „росонерите“ на следното гостување во Џенова. Нема гаранции дека тој ќе остане на чело на Милан и во случај на триумф на тој меч, со оглед на фактот дека Бобан и Малдини би можеле да ја искористат репрезентативната пауза за да му дадат време на новиот тренер да се запознае со екипата.

Се вчитува...