И Србија воведува ВАР, до кога ќе се чека во Македонија?

Хрватска ќе воведе ВАР технологија од следната сезона, а истото ќе го стори и Србија од сезоната 2021/2022 откако нашиот северен сосед денеска формираше работна група од претставници на Здружението на Супер-лигата и на Првата лига за воведување на оваа фудбалска иновација на терените од Ниш до Суботица. Иницијативата на ФК Партизан беше прифатена од страна на клубовите, па новата работна група веќе за 15 дена ќе почне со работа, за цел да се создадат услови за применување на ВАР на стадионите ширум Србија.

„На собирот во Стара Пазова беа присутни 28 делегати и по двочасовна дискусија едногласно беше дадена поддршка на иницијативата на Партизан за воведување на ВАР“ – информираат српските медиуми.

Имплементацијата на технологијата нема да биде брза, па прогнозите се дека ВАР-технологијата во Србија ќе може да стартува од август 2021 година, кога ќе биде краен рок за сите стадиони да ги исполнат неопходните критериуми.

Останува прашањето кога една ваква иницијатива конкретно ќе се покрене, а потоа и ќе се реализира во мак-фудбалот. Речиси сите клубови во текот на сезоната имаат свои замерки за одредени судиски одлуки, а во преден план се последните два дерби дуели меѓу Вардар и Шкендија, на кој тетовскиот клуб со две контроверзни одлуки на арбитрите стигна до шест бода.

Се вчитува...