Поранешен фудбалер од Премиерлигата, Џамар Лоза, играч на Норвич, е осуден на 28 месеци затвор откако е прогласен за виновен за продажба на „гас за смеење“ во големи количини.
Судот во Норвич го осуди на две години и четири месеци затвор за трговија со азотен оксид, попознат како „гас за смеење“. Според пресудата, Лоза ја продавал оваа супстанца „на комерцијално ниво“, по цена од 10.000 фунти по палета.
Токму поради количината и организацијата на работата, судот го опиша случајот како „индустриски размер“.
Неговата фудбалска кариера започна ветувачки – дебитираше за Норвич во 2013 година. Потоа следеа позајмици во клубови како Ковентри, Јеовил и Стивениџ, а од 2016 година играше главно за тимови од пониските лиги.
Во август 2022 година, сè се промени. Полицијата го запре двапати во една недела во неговиот Мерцедес, а во двата случаи беа пронајдени големи количини шишиња азотен оксид. Првиот пат беше уапсен и испрашуван, а само неколку дена подоцна повторно беше запрен – овој пат со докази што потврдуваа дека раководел со сериозен дистрибутивен ланец.
Според судот, Лоза ангажирал двајца возачи за испорака на стока во регионот на Лондон. Обвинителството изјави дека Лоза отворено зборувал за својата заработка, фалејќи се дека „заработува толку многу што повеќе не знае што да прави со парите“.
Судијката Рут Брандер во својата пресуда истакна дека станува збор за бизнис што „функционирал на индустриско ниво“, што ја отежнало неговата позиција уште повеќе. Заедно со Лоза, на обвинителната клупа беше и неговата соработничка Лидија Панчард, која доби шестмесечна условна казна за случај на дистрибуција.
Откако беше објавена казната, неговиот сегашен клуб Кетеринг Таун веднаш го раскина неговиот договор.
„Со жалење потврдуваме дека ја прекинавме соработката со Џамар Лоза откако беше осуден за инцидент што се случи пред неговото пристигнување во клубот. За време на неговиот престој во нашите редови, тој придонесе на теренот и ние сме му благодарни за тоа, но нашиот клуб секогаш ќе стои зад највисоките стандарди на професионализам и интегритет“, се вели во соопштението на Кетеринг.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

