И Вардар и Пик Сегед ќе бидат елиминирани од ЛШ?!

Европската куќа на ракометот ЕХФ подготвува неверојатно сценарио за завршница на Лигата на шампионите, што ќе значи елиминација без борба на Вардар, но и на Пик Сегед, при изборот на екипи кои ќе настапат на фајналфор турнирот во Келн.

Примарниот план за одигрување на осминафиналните и на четвртфиналните натпревари во текот на летото се уште е валиден, но со секој нареден ден станува се појасно дека кризата со коронавирусот нема наскоро да заврши, за европските држави да ги отворат границите и да биде возможно патување на спортски екипи за гостувања во рамките од европските купови.

Во една таква ситуација, ЕХФ веќе има подготвено и „План Б“, што би значел одредување без борба на тимовите кои би се нашле на завршницата во „Ланксес Арена“ во Келн. Весникот „Л’Екип“ повикувајќи се на високи извори од куќата на ракометот тврдат дека планот е веќе дистрибуиран меѓу најголемите европски клубови. Според него, на Ф4 би се пласирале двете најдобри екипи од групите А и Б, или конкретно Барселона, ПСЖ, Кил и Веспрем.

Истата формула би била користена и во женското натпреварување, каде на Ф4 би се нашле Мец, Брест, Ѓер и Есбјерг.

Останува да се види дали најавите на францускиот весник ќе се реализираат, што сигурно ќе предизвика бурни реакции меѓу тимовите кои нема да се најдат на „повластениот список“ на патници за Келн.

Се вчитува...