И Зајков мора да ја напушти Украина, по повикот од МНР!?

Македонскиот репрезентативец Ѓоко Зајков најверојатно ќе мора да го напушти тимот на Ворскла Полтава од Украина, по повикот од Министерството за надворешни работи сите македонски државјани да не патуваат во оваа земја и доколку се во можност да ја напуштат поради влошената политичко-безбедносна ситуација во тој регион.

Зајков токму оваа зима потпиша договор со Ворскла, завршувајќи го договорот со бугарскиот Левски. Сега, низ дополнителни консултации со МНР се очекува наредниве денови да донесе дефинитивна одлука дали ќе ја напушти Украина.

„Министерството за надворешни работи, следејќи ги одблиску состојбите во и околу Украина, апелира до граѓаните на земјава: Сите државјани на Северна Македонија кои во претстојниот период планирале посета на Украина, да избегнуваат патувања во земјата; дополнително, сите наши државјани кои сега се наоѓаат во Украина, доколку имаат можност, во најскоро време да ја напуштат земјата. Соодветно на претходните повици, граѓаните кои се наоѓаат во Украина, а кои се уште не ги оставиле своите податоци во амбасадата, да ја контактираат Амбасадата на Република Северна Македонија во Киев, со цел доставување на своите податоци, на следните телефонски броеви: +380442877882 +380663951190 е-mail: dkpkiev@mfa.gov.mk Дополнително, нашите државјани може да се обратат и во Министерството за надворешни работи на дежурниот телефонски број +389 75 273 732 и следната е-меил адреса: globalsos@mfa.gov.mk. Воедно ги потсетуваме сите нашите граѓани, и оние кои се наоѓаат овде и оние кои се наоѓаат во Украина, или било каде, да ги следат и да се информираат од официјалните канали на информирање кои доаѓаат од Министерството за надворешни работи, социјалните мрежи на Министерството и Амбасадата на Република Северна Македонија во Киев. Министерството за надворешни работи ќе продолжи да ги следи состојбите во Украина и навремено да информира за евентуални насоки за постапување за нашите државјани“ – се вели во соопштението од македонското министерство за надворешни работи.

Се вчитува...