Ибрахимовиќ повторно во Јунајтед: Се враќам да го завршам она што го започнав!

Златан Ибрахимовиќ и Манчестер јунајтед ја обновија соработката на уште една година. Швеѓанецот во новата сезона ќе го носи бројот 10, кој досега беше во сопственост на Вејн Руни.

35-годишниот голгетер минатата сезона постигна 28 погодоци на 46 натпревари во дресот на „ѓаволите“, но повредата на коленото го спречи да ја заврши сезоната во свој стил. Во Премиер-лигата застана на 17 гола, и беше вистински лидер на тимот како на теренот, така и од клупата.

„Се вратив да го завршам она што го започнав. Јас и клубот имавме иста цел, а тоа е да останам тука подолго од една година. Со нетрпение чекам да се вратам на „Олд трафорд“, и да заиграм со овие одлични момци. Сепак, не брзам за ништо, се подготвувам постепено, за да бидам во топ форма кога повторно ќе зачекорам на терените. Работев напорно да се опоравам од повредата, ќе се вратам посилен од било кога“, истакна Ибрахимовиќ.

Најсреќен во оваа ситуација е Жозе Мурињо, виновникот за првото доаѓање на Златан во Јунајтед. Мурињо смета дека присуството на Ибрахимовиќ ќе биде од огромно значење за остварување на нивните цели во оваа сезона.

„Ме радува што повторно ќе соработуваме со Златан. Неговото огромно влијание од минатата сезона потполно ја заслужи нашата доверба. Нема сомнежи дека неговото искуство и квалитети ќе ни помогнат да оствариме нови успеси“, изјави Мурињо.

Ибрахимовиќ освои три трофеи со Јунајтед минатата сезона. Триумфот над Лестер во англискиот Суперкуп беше само почеток, Капитал купот и Лигата на Европа се поважните одличја кои Ибра ги додаде во неговата колекција на пехари.

Се вчитува...