Ибраими го „брка“ рекордот на Илијоски: Најдобар стрелец на сите времиња во Првата лига

Бесарт Ибраими ниже во моментов уште една голгетерска сезона во дресот на Шкендија, издвојувајќи се со 11 гола по вчерашното 11. коло во шампионатот од Првата лига на врвот од листата на најдобрите стрелци.

Со новите два погодоци, во вчерашниот триумф од 5-1 против Македонија ЃП, Ибраими веќе нанижа вкупно 141 гол зад своето име во досегашната кариера на домашната прволигашка сцена. Сето тоа веќе сериозно го издвојува во трката да го собори рекордот на најдобар стрелец во историјата на македонската Прва лига кој го чува актуелниот офанзивец на Шкупи, Баже Илијоски.

Илијоски во моментов има вкупно 144 гола во кариерата на прволигашката сцена, од кои само два актуелнава сезона во дресот на Шкупи. Без сомнение и двајцата ги очекува идна трка за „освојување“ или задржување на рекордот, иако ако се суди согласно настапите на клубовите во кои настапуваат Бесарт Ибраими и тоа како има повеќе од реални шанси до крајот на сезоната да завладее со голгетерската листа на сите времиња.

На третото место зад двајцата по бројот на вкупно постигнати голови во Првата лига е легендарниот Зоран Бошковски – Чоко кој има 125 гола во својата кариера. Илијоски рекордот на Бошковски го собори пролетта 2017 година во дресот на Пелистер, во ремито (3-3) на битолчани против Силекс во Кратово.

Се вчитува...