Иднината на Барди е во Италија, прашањето е само дали сега или во јули

Деновите на Енис Барди во Леванте се избројани, а единствената дилема е дали клубот од Валенсија ќе успее да го продаде македонскиот репрезентативец до крајот на преодниот рок, или ќе се чека тој на крајот од сезонава да си замине како слободен играч. Ова го објави спортскиот портал „Супердепортес“, вообичано добро информиран за случувањата во сите спортски клубови од Валенсија.

Според овој извор, Барди барал да биде продаден уште во текот на летото, но управата на Леванте тогаш не дозволила заминување на нашиот интернационалец. Овојпат ситуацијата е поинаква, и клубот сака да го продаде Енис бидејќи  има само уште шест месеци од актуелниот договор, па ова е последна шанса Леванте да заработи нешто од продажбата на македонскиот репрезентативец.

Агентите на Барди се во постојат контакт со управата на Леванте и се очекува ова да резултира со трансфер, и тоа најверојатно во преостанатите денови од овој месец. Според „Супердепортес“, иднината на Барди е во италијанската Серија А, иако не се наведува точното име на клубот со кого Леванте преговара за продажба на Македонецот.

Лацио веќе извесно време се интересира за Енис Барди, понуда има испратено и Торино, а шпанските медиуми вчера објавија дека во трката по овој фудбалер се вклучил и Милан. Покрај екипите од Апенинскиот полуостров, интерес за нашиот плејмејкер искажува и тимот на Фулам во Чемпионшип-дивизијата, како и шпанските прволигаши Бетис и Реал Сосиедад.

Останува времето да покаже, дали Барди до крајот на преодниот рок ќе се пресели во Калчо-лигата, или за заминување од Леванте ќе почека до крајот на сезонава.

Се вчитува...