Игор Тијаго е најпријатното изненадување во англиската Премиер-лигата сезонава откако Бразилецот прикажува игри за паметење. Тој само во последните две кола постигна пет погодоци за Брентфорд со што веќе стигна до 16 премиерлигашки голови сезонава, апсолутен рекорд за еден Бразилец во Премиер-лигата.
Фирмино, Мартинели и Куња во своите најдобри денови имале максимум до 15 погодоци во една сезона, а Тијаго стигна до 16 на самиот почеток од јануари, со простор за уште подобри бројки до крајот на сезонава.
Успехот е уште поголем ако се земе во предвид трнливиот пат до успехот на Игор, кој во раното детство останал без татко, па веќе од 13-годишна возраст почнал да работи како ѕидар, за да заработува и да го издржува семејството. Почетоците на европската кариера му се во соседна Бугарија, и тоа во втората лига откако Лудогорец веднаш по трансферот од Крузеиро го испратил да игра во вториот тим за да се адаптира во новата средина.
Игор постигнал три гола на четири меча, сосема доволно за да покаже потенцијал и да биде вклучен во првиот тим. Тој во јуни 2023 за сума од 7,9 милиони евра е продаден во Бриж, а белгискиот гигант по 29-те постигнати гола во една сезона го продава во Брентфорд од 1 јули 2024 година, за рекордни 30 милиони евра (најскап продажен трансфер на Бриж).
Тијаго во првата сезона имаше проблеми со повредите, но затоа од почетокот на 2025/26 блеска во сиот свој сјај. Веќе зад своето име има 16 погодоци во најсилната лига на светот, па се поголем е бројот на оние кои бараат токму асот на Брентфорд да го предводи нападот на Бразил на претстојниот мундијал.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

