Играчите на Лестер разочарани поради отказот за Крег Шекспир

Раководството на англискиот премиерлигаш Лестер е во потрага по нов менаџер откако му даде отказ на Крег Шекспир, но тој нивен потег ги разочара фудбалерите. Тие до последен момент го поддржуваа својот менаџер и се уште имаат став дека не требаше да биде сменет од функцијата.

Ова може да донесе нови проблеми за тимот на Лестер, кој не стартуваше најдобро во новата сезона од Премиер – лигата. Сепак, фудбалерите јавно го истакнале своето мислење дека Шекспир го спасил тимот од најлошо, заедно со фудбалерите, кога со серија од шест победи успеаја да обезбедат опстанок, по заминувањето на Клаудио Раниери.

Тренинзите до именување на нов менаџер ги предводи Мајкл Аплтон, досегашниот асистент на Шекспир. И тој потврдува дека тимот е разочаран од одлуката на сопствениците.

„Се чувствува разочараност и фудбалерите бараат одговори. Но, не сум јас тој што можам да им одговорам на тоа прашање. Ништо не навестуваше дека може да се случи ваква разделба со Крег, но таков е фудбалот, а одлуките ги носат сопствениците“, изјави Аплтон.

Лестер во понеделникот одигра 1-1 против ВБА на домашен терен, по што Крег Шекспир доби отказ. Претстојниов викенд „лисиците“ ги очекува гостување кај Свонси.

Се вчитува...