Игрите во Токио чинеле 20 отсто повеќе во однос на завршниот извештај

Организацијата на минатогодишните Олимписки и Параолимписки игри во Токио чинеше 20 отсто повеќе од проценетата сума на организаторите, соопшти денеска Јапонскиот ревизорски суд.

Според извештајот на ова тело, за Летните игри во Токио се потрошени 12,1 милијарди евра. Судот на ревизори изјави дека организаторите не вклучиле одредени државни трошоци поврзани со Игрите, вклучително антидопинг мерки, обука на спортисти, јапонска храна во Олимпиското село и новиот Олимписки стадион.

Во извештајот, судот ја повикува владата навремено да ги открие целосните трошоци кои се вклучени во организацијата на големиот настан. Портпаролот на јапонската влада Хироказу Мацуно им рече на новинарите дека владата „сериозно го сфаќа“ извештајот на ревизорот и ќе одговори соодветно.

Првично се очекуваше трошоците да бидат многу помали, но зголемувањето се случи поради одложувањето на настанот поради пандемијата на корона вирусот во 2020 година.

Пред неколку месеци во Јапонија изби голем скандал поради корупција поврзана со спонзорските договори за игрите во Токио. Како резултат на тоа, јапонскиот град Сапоро одлучи привремено да се откаже од својата кандидатура за домаќин на Зимските олимписки игри во 2030 година.

Се вчитува...