Игуаин: Ги загубив нервите, но ние не сме роботи

Гонзало Игуаин им се извини на сите во таборот на Милан за своето однесување на дербито со Јувентус, откако Аргентинецот во финишот ги загуби нервите и заработи црвен картон. Тој беше видно нервозен откако во првото полувреме промаши пенал со кој можеше да го израмни резултатот, за пред крајот да го остави својот тим на цедило.

„Треба да им се извинам на соиграчите, тренерот, на навивачите и на судијата, којзнае што се му реков во тие вжештени моменти. Сепак, и судиите треба да знаат дека ние не сме роботи, туку емотивни луѓе и некогаш сме понесени од атмосферата и реагираме тензично. Кога играте против поранешниот клуб, дефинитивно чувството е поинакво. Ја преземам одговорноста, знам дека вакво нешто не смее да ми се повтори во иднина. Како фудбалери ние сме пример и за малите деца, но веќе реков, и ние сме луѓе, не сме работи и некогаш ни се случува да изреагираме непримерно“ – истакна Игуаин.

Црвениот картон ќе значи дека тој сигурно го пропушта дербито на следното коло, на гостински терен против Лацио, а суспензијата може да биде уште подолга доколку судијата ги внел во записникот навредите упатени на негова адреса.

Се вчитува...