Игуаин: Сакам да останам уште долго во Јувентус

Аргентинскиот интернационалец Гонзало Игуаин се чувствува одлично во Торино оваа сезона, откако Маурицио Сари го презеде кормилото на Јувентус. Иако ја дели минутажата, најчесто со Пауло Дибала, сепак, сака да остане во редовите на „старата дама“ и по завршувањето на актуелниот договор, во 2021 година.

„Би сакал да останам во Јувентус и по завршувањето на договорот. Ова е најдобриот клуб во Италија, еден од најдобрите во светот“, истакнува Игуаин.

Напаѓачот го постигна победничкиот погодок во дербито со Интер. Претходно две години беше на позајмици, во Милан и во Челси, но со доаѓањето на Сари, со кого одлично соработуваше и во Наполи, неговите планови потполно се променија. Сега сака уште долго да остане во Јувентус, а потоа да се врати и да ја заврши кариерата во Аргентина.

„После Јувентус, ќе играм за Ривер Плата. Би сакал таму да ја завршам кариерата“, изјави Игуаин.

Се вчитува...