ИХФ потврди: Македонија е замената на Чешка за СП 2021

Сега веќе е и официјално, ИХФ на својата веб-страница објави дека Македонија е репрезентацијата што ќе биде дел од СП 2021 заземајќи го местото на Чешка. Нашиот национален тим беше прва резерва на листата на светската куќа на ракометот, па по откажувањето на Чесите беше јасно дека „црвено-жолтите“ ќе бидат дел и од овој мундијал.

„Како последица од неколкуте позитивни случаи на задолжителителните Covid-19 тестови пред тргнувањето за Египет, Чешка и официјално прати известување дека нема да учествува на СП во Египет. Согласно правилникот за натпреварување, за настап на СП ја повикавме репрезентацијата на Македонија, која беше прва резерва на нашата листа. Македонија беше номинирана како прва резерва поради освоеното 15. место на ЕП 2020“, се вели во соопштението на ИХФ.

Македонската репрезентација денеска доби негативни резултати на извршените тестови зa Covid-19, па селекторот Брестовац ќе смета на сите расположливи сили за овој шампионат. Останува да се види колку кормиларот на нашиот национален тим ќе го реализира најавеното подмладување, откако дел од ракометарите одиграа на сосема солидно ниво на последните контролни средби со Чиле.

Се вчитува...