Икарди ги фрустрира сите: Ги одби Монако и Наполи, ќе остане во Интер?!

Мауро Икарди продолжува да ја фрустрира италијанската фудбалска јавност со инсистирањето на трансфер во Јувентус иако тоа се чини како невозможна мисија во моментов. Интер не крие дека сака да го продаде поранешниот капитен, единствено на што инсистира директорот Марота е тоа да не биде во Јувентус, а Аргентинецот како за инает инсистира токму на таа опција.

Впрочем, Монако ги договори сите детали со Интер, но Икарди експресно ја одби понудата на „кнезовите“ што е повисока од онаа на „старата дама“. Во игра влезе Наполи со нова мега-понуда, но последните информации говорат дека Аргентинецот го одбил и вицешампионот.

„Икарди гледа на трансфер во Наполи како на чекор назад во кариерата, со што ги налути челниците на овој клуб и тренерот Анчелоти“ – објавија дел од италијанските медиуми, според кои тимот на Елиф Елмас нема намера да испраќа нова понуда за фудбалер што не сака да дојде во Неапол.

Во меѓувреме стигнува информација дека Икарди сега се премислил и решил да остане во Интер, иако тренерот Конте не смета на неговите услуги. Неговата „деветка“ веќе му е доделена на Лукаку, сега Аргентинецот ја сакал „седмицата“, но и таа ќе му биде одземена ако пристигне Алексис Санчез. Тој има валиден договор со „нероаѕурите“ и доколку Јувентус навистина не испрати понуда, голема е веројатноста дека ќе остане во Милано и ќе заработи над шест милиони евра тренирајќи и следејќи ги натпреварите од трибините на „Џузепе Меаца“.

Се вчитува...