Икарди го спаси Интер од пораз, „жешко реми“ во Неапол

Барселона и без помошта на Лионел Меси ја продолжи серијата без пораз во Лигата на шампионите, ремизирајќи 1-1 на гостувањето против Интер. Аргентинтецот го следеше мечот на „Џузепе Меаца“ од клупата за резерви, а неговите соиграчи одиграа добар меч во кој беа блиску до цел плен, но на крајот мораа да се задоволат само до еден бод. Бразилецот Малком, кој важи за големо промашување во преодниот рок, влезе во игра на местото на Дембеле и само неколку минути подоцна со прецизен удар од работ на шеснаесетникот го матираше Хандановиќ. Радоста на Барселона не траеше премногу долго бидејќи во 87. минута Икарди го најде патот до мрежата на Тер Штеген, за радост на домашните фанови во Милано.

Тотенхем по огромна битка славеше над ПСВ Ајндховен со 2-1, задржувајќи си ги шансите за второто место во групата. „Спарси“ губеа со 0-1 по само две минути игра, промашија пет стопроцентни шанси во првото полувреме, но затоа во вториот дел во ритам влезе Хари Кејн, кој со два гола (вториот во 89. минута) донесе целосен пресврт на „Вембли“ и огромни три бода за тимот на Маурицио Покетино.

Без победник заврши големата битка во Неапол меѓу Наполи и ПСЖ (1-1). Гостите од Париз поведоа пред крајот на првото полувреме преку Бернат, а на 1-1 од пенал израмни Инсиње, крунисувајќи ја големата иницијатива на „наполитанците“, откако Калјехон искористи една голема грешка на Тијаго Силва, по што беше фаулиран од Буфон. Максимално интересно е во оваа група Ц, каде Наполи и Ливерпул имаат по еден бод предност во однос на ПСЖ, а Црвена звезда е последна со само два бода заостанување зад лидерите на табелата.

Атлетико Мадрид славеше со 2-0 над Борусија со головите на Саул Нигез и на Гризман, одмазда за убедливиот пораз во Дортмунд и голем чекор напред кон осминафиналето.

 

ГРУПА А: Монако – Бриж 0-4, Атлетико М. – Борусија Д. 2-0.

Табела: Борусија 9, Атлетико М. 9, Бриж 4, Монако 1.

ГРУПА Б: Интер – Барселона 1-1, Тотенхем – ПСВ Ајндховен 2-1.

Табела: Барселона 10, Интер 7, Тотенхем 4, ПСВ Ајндховен 1.

ГРУПА Ц: Ц. Звезда – Ливерпул 2-0, Наполи – ПСЖ 1-1.

Табела: Наполи 6, Ливерпул 6, ПСЖ 5, Црвена звезда 4.

ГРУПА Д: Шалке – Галатасарај 2-0, Порто – Локомотив М. 4-1.

Табела: Порто 10, Шалке 8, Галатасарај 4, Локомотив 0.

 

Се вчитува...