Икарди: Сакам најдобрите да дојдат во Интер, не јас да си заминам…

Мауро Икарди ја надмина голгетерската криза и со четирите погодоци против Сампдорија потврди зошто важи за еден од најпосакуваните напаѓачи ширум Европа во моментов. Дел од медиумите шпекулираат дека Реал Мадрид веќе понудил 100 милиони евра, десет помалку од неговата отштетна клаузула, а Аргентинецот верува дека навистина вреди толкаво богатство.

„Вредам ли повеќе од 110 милиони? По се што се случуваше во последните преодни рокови, мислам дека вредам. Сепак, не размислувам многу за тоа, разговарав со челниците на клубот, тие знаат што сакам и затоа сме мирни“ – изјави Икарди.

Аргентинскиот ас уште еднаш проговори за лојалноста што ја чувствува кон „нероаѕурите“ и желбата да остане уште долго во Интер.

„Постигнувањето на голови е важно, но да се биде капитен на Интер – тоа е мојата мисија. Имам карактер да бидам лидер, затоа и сакам да останам и да освојувам трофеи во овој дрес. Предолго овој клуб нема освоено ништо, сакам да помогнам тоа да се промени. Точно е, сакам да играм со најдобрите во светот, но тие да дојдат кај мене во Интер, а не јас да заминам кај нив“ – порачува најдобриот фудбалер на „нероаѕурите“.

Се вчитува...