Илиевски: МКФ ги заштити македонски играчи, но што е со тренерите

Се приближува стартот на сезоната во Првата лига во кошарка, шампионат што ќе донесе и значителни промени со новото правило со кое бројот на странците е намален на четири, а наместо два сега цело време на терен ќе мора да бидат најмалку по три домашни кошаркари. Јасно е, сето ова значи поголема шанса за македонските играчи да ги покажат своите квалитети, но од друга страна и се компликува задачата на тренерите, од кои се бара резултат во ситуација кога ќе мора да се експериментира.

Голем дел од тренерите тивко „шепотат“ на оваа тема, а Марјан Илиевски од Блокотехна прв гласно проговори на истата, гласно барајќи кога МКФ веќе ги заштитува играчите, да најде начин истото да го стори и со македонските кошаркарски стратези.

„Пред нас е нова сезона, а сигурен сум дека кога веќе се најде решение за играчите, МКФ сега ќе има и план и иницијатива за да застане во заштита и на тренерите. Реалноста е таа – одговорноста се бара од нашата професија, буџетите се еднакви или помали, а заради правилото за македонски играчи цените скокнаа, па реалноста е дека потешко се склопува квалитетен „ростер“ отколку лани. МКФ како куќа на кошарката треба да заземе став и по ова прашање и да понуди решение, во најмала рака да добијат гаранција за останување на функцијата од минимум две години. Преголем е молкот и од тренерската комисија, се надевам дека го зема ова во предвид и ќе излезе наскоро со сопствен план за заштита на професијата што ќе го реализира. Доколку ништо од ова не се случи, на моите колеги ќе им изразам сочувство бидејќи е јасно во кој правец ќе ни се движат работите во периодот што ќе следи“ – истакнува Илиевски.

Тој смета дека со правилото на домашни играчи ќе се увиди суштинскиот проблем во македонката кошарка, но и порача дека за раст во квалитетот неопходни се меѓународни натпревари.

„Ја поздравувам грижата и иницијативата на МКФ кога станува збор за македонските играчи, би сакал преку ова да се докаже и да стане јасно – дали навистина тука е проблемот за кризата во мак-кошарката. Развој според мене се прави и со меѓународни натпреварувања, преку нив се добива квалитет и раст на играчите, а кога повеќе клубови би играле надвор од нашите граници сигурно и час поскоро би добиле појасна слика“ – порачува стратегот на Блокотехна.

Се вчитува...