Илиевски: Можеби изгледа дека сите бродови ни се потонати, но ќе извлечеме поуки од овој пораз

Тренерот Марјан Илиевски нема причина да биде задоволен буквално од ништо на денешниот дуел со Ловќен, што Пелистер го загуби со 85-108, на премиерниот меч на битолскиот клуб во АБА2 лигата.

Тој му ја честиташе победата на противникот, повторувајќи го својот став од претходниот период, дека Пелистер е клуб што се наоѓа во раст, но дека се уште нема доволно искуство за настап на највисоко ниво во регионалното натпреварување.

„Пред се сакам да им честитам на кошаркарите на Ловќен за заслужената победа. Нивното искуство што го имаат од настапите во АБА2 лигата во последните години беше сосема очигледно, одиграа квалитетно и заслужено се радуваат. Ние на хартија имаме искусни кошаркари со доволно меѓународни натпревари, но денеска се потврди дека како екипа ни недостига искуство на играње на вакви средби“, истакна Илиевски.

Тој е убеден дека „пелистерци“ ќе се прикажат во далеку подобро светло веќе на наредниот натпревар, в петок против Сутјеска.

„Ако го гледаме она што ни се случи денеска, изгледа како да ни потонале сите бродови. Јасно е дека не бевме на посакуваното ниво, но можеби е добро ова што ни се случи, бидејќи ќе имаме можност да извлечеме поуки од ова што ни се случи. Мислам дека имаме доволно време за да се поправиме, но најважно од се е да го имаме вистинскиот пристап“, изјави Марјан Илиевски.

Се вчитува...