Блокотехна и во втората година од своето постоење како дел од кошаркарската елита на Македонија стигна до плејофот. Исто како и лани, освоено е третото место во Супер-лигата, но со две победи повеќе во однос на минатата сезона (скор 22-8), со што Марјан Илиевски и неговите избраници го потврдуваат напредокот на стручен, играчки и на резултатски план.
„Можам да бидам презадоволен од сето она што го прикажавме во текот на целата сезона. Речиси сите странски кошаркари од ланската сезона си заминаа, моравме да правиме рокади во ростерот, но не дозволивме тоа да се одрази врз резултатите. И оваа година им понудивме на навивачите допадлива кошарка во која уживаа, забележавме победи и над МЗТ Скопје и над Работнички, потврдувајќи дека можеме да се носиме со секој ривал на домашната сцена. Ако на ова се додаде и пехарот во БИБЛ-лигата, како и пласманот во финалето од Купот на Македонија, јасно е зошто се чувствувам горд на сработеното досега“ – истакна Илиевски.
Блокотехна за противник во полуфиналето ќе го има шампионот Работнички. Станува збор за екипа од која Блоко загуби во финалето од Купот на Македонија, но во прволигашките и суперлигашките натпревари тимот од Гевгелија има скор од три победи и еден пораз против тимот предводен од Марин Докузовски.
„Покажавме дека можеме да го победиме Работнички, но тоа не го менува фактот дека противникот како актуелен првак е фаворит во оваа полуфинална серија. Притисокот ќе биде врз нив како актуелни шампиони, а наше е да играме најдобро што знаеме и да ја искористиме секоја шанса што ќе ни се укаже. За Блокотехна оваа сезона веќе е историска со титулата од БИБЛ, но ќе сториме се за да оствариме уште поголем успех“ – порачува тренерот на Блокотехна.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА