Кошаркарскиот вицепрвак Пелистер со еден пораз и една победа ја стартуваше новата сезона на домашната сцена, но пред битолчани сега е нов предизвик – учество во АБА2-лигата. „Пелистерци“ се соочија со неочекуван проблем по повредата на најголемото летно засилување Доналдсон, а тренерот Марјан Илиевски најави дека тимот е во потрага по уште двајца нови кошаркари.
„Јас на почетокот од сезонава најавив дека во АБА2 би можеле да стигнеме и до некој повисок пласман. Сепак, се ќе зависи од ангажманот на новите играчи, како ќе се дополни ростерот. Планираме да земеме две нови странски засилувања бидејќи во АБА2 нема лимит за домашни кошаркари и во потрага сме по нови имиња“, изјави Илиевски.
Пелистер ќе го почне настапот во АБА2 на утрешниот меч со македонскиот ривал ТФТ, а како дел од првиот балон македонскиот вицешампион в среда ќе ги одмери силите со Шенчун.
„Мислам дека во првиот балон успех ќе биде ако се вратиме во цел ростер, ако не ни се повторат проблемите со болести и повреди што не следат и на стартот од оваа сезона. АБА2 треба да биде искористена за промоција на клубот, ова ќе биде наша втора сезона во регионалното натпреварување. Резултатите во моментов се ставени во втор план, но нормално дека наша цел ќе биде на секој натпревар во што подобро светло да го презентираме клубот Пелистер и спортска Битола“, истакна стратегот на „пелистерци“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА