Илиевски се раздели со Блокотехна, ја презема клупата на АВ Охрид

Еден од најдобрите македонски тренери, Марјан Илиевски, по две успешни сезони на клупата на Блокотехна, од следната сезона својата кариера ја продолжува како предводник на АВ Охрид.

Илиевски се раздели со гевгеличани па сега е пред нов предизвик во АВ Охрид каде доаѓа на местото на Петар Чочоровски.

„АВ Охрид е мојата следна дестинација. Се надевам дека заедно со првиот човек Милчо Донески и менаџментот ќе успееме да реализираме една нова успешна приказна, која ќе стане примамлива средина за спортските работници. Наша основна амбиција е прво да се изгради здрав играчки колектив и професионалност, со добра подлога на организација и услови, кои би овозможиле да се цели кон подобар резултат“ – вели Илиевски во изјава за ЕКИПА.

За Илиевски ова е четврти домашен предизвик, по работата како прв тренер во Лирија (2012-2014), Кожув (2016) и Блокотехна (2017-2019), а зад себе има и успешена сезона во Сигал Приштина (2014-15). Изминативе години Илиевски во само две години, заедно со првиот човек на Блокотехна, Томе Главчев и секако играчите, од дебитант направи повеќе од респектабилен тим. Во првиот прволигашки настап обезбеди полуфинале во трите натпреварувања во кои играше овој клуб (првенство, Куп и БИБЛ), а сезонава направи и голем исчекор со победнички пехар во БИБЛ, историско финале во Купот на Македонија и ново полуфинале во плејофот во кое по херојска битка загуби од Работнички дури во „мајсторката“ во Скопје.

„Никогаш нема да го заборавам престојот во Блокотехна, како и луѓето кои со јасна визија знаеја како да ги почнат првите чекори со овој нов клуб во македонската кошарка. Максимално сум му благодарен на господинот Главчев и на неговото семејство кои се ‘инфицирани“ со овој спорт и имаа доверба во мене, на која возвратив на најдобар начин. Посакувам спојувањето со Кожув да биде успешен проект, бидејќи Гевгелија го заслужува тоа. Блокотехна ќе остане пример за тоа како за кратко време да се стане препознатлив на кошаркарската карта. Се надевам дека во иднина повторно професионално ќе ни се вкрстат патиштата, а приватно веќе имаме зацврстено однос на взаемна почит. Ќе ми остане само неостварена желба настапот во АБА2, кој двапати ни беше на дофат и клубот имаше покана за такво нешто“ – вели Илиевски.

Се вчитува...