Илиевски: Секој дуел меѓу Пелистер и МЗТ Скопје е посебна приказна

Третото коло од АБА2 лигата ќе донесе и македонско дерби во регионалното натпреварување, шампионот МЗТ Скопје во 15 часот ќе се сретне со Пелистер, кој моментно е лидер на табелата во домашното првенство. И двете македонски екипи по првите две кола имаат скор од една победа и еден пораз, па денешниот дуел е од исклучително значење за вклучување во борбата за највисок пласман.

Пелистер во рамките од првото коло од Првата лига го совлада МЗТ Скопје, но тренерот Марјан Илиевски предупредува дека денешниот дуел ќе биде уште потежок за битолскиот тим.

„Сезоната ја почнавме со триумф над МЗТ Скопје, но секој дуел со овој ривал е посебна приказна. Едно е јасно, ќе мораме да одиграме стопроцентно во текот на сите 40 минути ако сакаме да стигнеме до позитивен резултат. АБА2 е едно сосема ново натпреварување за нас, средби во кои се игра во еден поинаков ритам од оној во домашното првенство. Пелистер е дебитант во ова натпреварување додека МЗТ Скопје со години е дел од него, има поголемо искуство. Како и да е, ние сме подготвени за овој натпревар, на кој очекувам квалитетна игра од двете страни“, изјави Илиевски.

„Пелистерци“ променија повеќе од половина од ростерот во однос на минатата сезона, но сепак бележат одлични резултати во домашното првенство, каде се единствен непоразен тим од стартот на сезоната.

„Тимот од почетокот на летото беше селектиран така за да се атакува на висок пласман во домашното првенство. Пред самиот старт на сезоната управата реши да прескокне неколку скалила во нормалниот развој на клубот и да се вклучи во приказната наречена АБА2. Јас во неколку ситуации предупредував на неопходноста Пелистер да се развива чекор по чекор, но целосно, исто како и сите кошаркари, го прифатив предизвикот што беше наметнат со учеството во регионалното натпреварување. Тимот што беше селектиран до крај не беше комплетиран онака како што баравме како стручен штаб, што се одразува врз нашите изданија на теренот. Сепак, горд сум што и во една ваква ситуација, со максимален професионализам на сите играчи и членови на стручниот штаб бележиме добри резултати“, истакнува стратегот на Пелистер.

Се вчитува...