Илиевски: Среќни сме што победивме во меч што не донесе квалитетна кошарка

Марјан Илиевски има причина за задоволство откако Пелистер во четвртото коло ја забележа третата победа во АБА2 лигата, триумфирајќи над хрватскиот претставник Осијек.

Тренерот на битолчани во изјавата по мечот призна дека дуелот одигран во Сараево не бил на посакуваното квалитативно ниво, но најважно за „пелистерци“ сепак е што е прокнижена нова победа во регионалното натпреварување.

„Не би можел да го дефинирам овој натпревар како кошаркарски затоа што имаше многу трчање, а не кошарка од повисоко ниво. Она кое беше наш проблем ќе оставиме да го разговараме во соблекувална, а, сепак, сме радосни за победата и покрај ваков еден лош ден“, краток беше Марјан Илиевски.

Македонскиот вицепрвак моментно се наоѓа на делба на петтото место на табелата со тимот на Сутјеска, со идентичен скор од 3-1 по првите четири кола, зад Хелиос, Борац Бања Лука, Крка и Златибор, кои имаат перфектни 4-0 од стартот на сезонава. „Пелистерци“ во следното коло, в недела со почеток во 12 часот ќе се сретнат со Горица, „фенерџијата“ на табелата кој нема забележано ниту еден триумф во АБА2 сезонава.

Се вчитува...