Работнички во последното коло ќе го игра најважниот натпревар. „Романтичарите“ утре (16.30 часот) на „Тодор Проески“ арена го пречекуваат тимот на Шкупи. Во последните 90 минути, влогот е огромен, а составот на Баже Лазаревски сака да го задржи четвртото место кое води во квалификациите за Лигата на Европа. Со триумф над Шкупи, па дури и нерешен резултат, европскиот сон ќе стане реалност за „романтичарите“.
Капитенот Баже Илијоски вели дека последниот првенствен меч е големо ’финале’ за Работнички.
„Не очекува вистинско ’финале’, многу важен натпревар против Шкупи. Влогот е излез во Европа, а противникот исто така се надева дека ќе успее да ја оствари целта. Ќе биде тешко, неизвесно, го знаеме тоа. Го респектираме и противникот, но подготвени сме за голема борба. Ќе играме на домашен терен и ќе сториме се за да стигнеме до позитивен резултат, кој ќе не одведе во Лигата на Европа. Во еден момент помисливме дека шансите се загубени, сега повторно имаме се во свои раце, и треба тоа да го искористиме. Свесни сме за тоа и веруваме во успех“, вели Баже Илијоски за официјалниот сајт на клубот.
На останатите мечеви од последното коло во Првата лига се среќаваат: Ренова – Шкендија, Академија Пандев – Вардар, Победа – Македонија ЃП, Силекс – Беласица.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА