Има ли Пелистер сили за „мајсторка“?

Битката за титула на домашниот фронт за МЗТ Скопје и Пелистер продолжува денеска од 19 часот и 30 минути во „Јане Сандански“ каде избраниците на Дарко Радуловиќ ќе се обидат да го искористат „брејкот“ од Битола и да го заверат своето место во финалето.

Аеродромци лошо го започнаа првиот натпревар во серијата и веќе во првата четвртина имаа двоцифрена негатива, но преку одличната одбрана веќе до полувремето успеаја да намалат негативата, а во третата четвртина и да го превземат водството. На крајот искуството и долгата клупа беа пресудни за „сино-бело“ славје.

„По тешката победа во гости денеска на домашен терен не очекува тежок натпревар. Ќе пробаме и ќе дадеме се од себе полуфиналната серија да заврши во Скопје. Потребна ќе ни биде голема концентрација и енергија за да се победи одличната екипа на Пелистер. Се опоравивме колку што можевме, го анализиравме мечот и нашите грешки и се надевам дека денеска ќе го одбраниме домашниот терен“, изјави Андреј Магдевски.

Проблемот со лични грешки на високите играчи на битолчани кој умешно го користеше Бојиќ под обрачот на крајот се воспостави како клучен за поразот во „Боро Чурлевски“, но видлив беше и заморот со четири промашени слободни фрлања од пет обиди на самиот финиш на мечот.

За Пелистер да се надева на „мајсторка“, „зелено-белите“ денеска ќе мораат да одиграат во нападот како во првата четвртина, притоа да се најде и решение за Мелешевиќ во нападот со оглед на тоа што „сино-белите“ добро го чуваа Србинот во второто полувреме во кое го лимитираа на само шест поени.

Се вчитува...