Имаше желба, немаше игра: Македонија во „аут“, Норвешка – пресилна!

arbervil baner

Македонската ракометна репрезентација трет мундијал по ред е запрена на осминафиналната пречка. Попладнево во Албервил нашите ракометари загубија од Норвешка со убедлив резултат од 34-24, меч во кој беа сосема достоен ривал во првото полувреме, за потоа да доживеат целосен колапс во вторите 30 минути. Отсуството на Манасков и на Миркуловски остави огромна трага, па и покрај покажаниот карактер и големата желба на сите останати, сепак на крајот пресуди квалитетот на противничкиот состав. Можеме да жалиме само за двете ситуации во првиот дел, кога направивме серија од четири гола, имавме два напади при водство од 9-8, но не реализиравме, по што Норвешка влезе во ритам, доминираше до крајот и заслужено се пласираше во четвртфиналето.

Повредата на Филип Миркуловски сепак беше пресериозна за ракометарот на Вецлар да може да настапи на овој меч, па улогата на среден бек му припадна на Филип Лазаров, додека Талески за првпат на мундијалот ја имаше улогата на стартен лев бек. Во одбраната почнавме 5-1 со Талески како најистурен во зоната.

Веќе при првиот напад на Норвешка останавме со играч помалку по заслуженото исклучување на Никола Маркоски. Сагосен со два пенали донесе рано водство на противникот од 0-2, за Филип Лазаров во ситуација со играч помалку го постигне првиот погодок за Македонија во ова осминафинале. Се играше 10. Минута кога Маркоски го заработи и второто исклучување, и покрај тоа стигнавме до 5-5, по што Норвежаните не искористија и подарок – пенал што Колев го одбрани.

Норвешка одговори со серија од три гола, но во вистински момент својот првенец го постигна Стоилов, воедно изнудувајќи и исклучување на Тонесен. Неколку минути подоцна Стоилов даде уште еден гол, овојпат за 8-8, при што Колев му одбрани и зицер на Сагосен. Македонија за првпат поведе во 24. Минута, кога Кире Лазаров реализираше од девет метри. При овој резултат имавме два напади за „плус два“ што Георгиевски и Ојлевски не ги реализираа, по што Тонесен израмни, а една минута подоцна исклучен беше Талески, по што Норвешка пак поведе и на одмор замина со предност од 12-10, период во кој од крилните позиции имавме очајна реализација 1/6.

Второто полувреме го стартувавме катастрофално, па по двете загубени топки на противничката половина Норвешка погоди во празна мрежа и експресно дојде до „плус пет“ (11-16). Не функционираше ниту одбраната, противничките крила Јондал и Бјорнсен ја полнеа нашата мрежа, па Червар во игра го уфрли и Трајковски на голот на местото на Колев, но тоа не промени буквално ништо, Норвежаните делуваа премоќно во нападот, па во 52. минута поведоа и со десет гола предност (28-18). Остатокот од средбата противничките ракометари го искористија за атракции, ставајќи печат за конечниот триумф од 34-24.

Стојанче Стоилов постигна пет гола од шест обиди, најефикасен беше Кире Лазаров со шест, но од дури 13 шутеви кон противничкиот гол, додека Никола Маркоски беше стрелец на три погодоци за Македонија на ова осминафинале.

Без оглед на овој убедлив пораз, тоа не смее да го наруши позитивниот впечаток оставен на овој мундијал, на кој со комбиниран состав и подмладена бековска линија стигнавме до пет бода во силна група, како најава дека ова репрезентација има иднина и може да се носи со голем дел од ривалите на големите натпреварувања.

Се вчитува...