Имери: Работнички сака да сврти нов лист, победа е императив против Тиквеш

Работнички сака да го остави зад себе првиот круг од шампионатот кој го одигра многу лошо и да сврти нов лист почнувајќи од денешниот дуел против Тиквеш, што ќе се одигра на комплексот на ФФМ, со почеток од 13.30 часот. Романтичарите освоија само седум бода по првите 11 кола и се наоѓаат на претпоследната позиција, а досега остварија само една победа.

„Свесни сме за позицијата на која се наоѓаме и мораме веднаш да почнеме да бараме излез. Сакаме да свртиме нов лист и веруваме дека денешниот меч против Тиквеш ќе биде почеток на една позитивна серија. Не е тајна дека ги посакуваме трите бода, затоа што досега освоивме премалку во првиот круг од првенството. Тиквеш е можеби во слична ситуација, но ние веруваме во нашите квалитети и треба конечно да прикажеме и многу повеќе на теренот“, вели Демир Имери, кој постигна прекрасен гол на претходниот меч против Арсими.

„Не е важно кој ќе постигне погодок, најважно е да ги освоиме бодовите и да тргнеме напред“, порача играчот за врска на Работнички.

Се вчитува...