(ИН)ДИРЕКТ: И јас сум Џани Алиоски!

(ИН)ДИРЕКТ

Никола Ѓуровски

Доаѓаш во родниот Прилеп, и затоа што зборуваш на својот мајчин албански, не ти даваат да ручаш во ресторан. Шок е тоа за Џани Алиоски кој е израснат во Швајцарија, земја каде човечките права се светост. Сега живее во Англија, каде интегритетот е на прво место, националното чувство ги обзема и оние кои доаѓаат како „странци“ и веднаш се чувствуваат како Англичани, но од друга страна добиваат максимален респект за своето потекло.

Да, и јас сум Џани Алиоски. Не трчам брзо како него и не го носам дресот на фудбалската репрезентација, но сакам да зборувам на мојот мајчин јазик каде и да одам. И не сакам да ме ’избркаат’ од ресторан каде и да седнам. Ниту во Чаир, ниту во Охрид, ниту во Гевгелија, ниту во Грција.

Многу боли кога ќе ти го направат тоа во земјата каде си роден, во градот од каде потекнуваш, без разлика дали си фудбалски репрезентативец. Време е да сфатиме дека сите ние сме Џани Алиоски и да ја искорениме омразата што дефинитивно ја имаат оние кои го понижиле во неговиот роден Прилеп, во неговата родна Македонија.

Искрено, не сакам да сум оној Алиоски кој изгледаше немоќно против Австрија на фудбалскиот терен, иако, барем тој, играше веднаш после повреда, речиси без тренинзи, недоволно подготвен. Тоа е селекторска вина…

Игор Ангеловски има обврска да ги избере најдоброподготвените во моментот, а Алиоски не беше. И тој и сите останати делуваа апсолутно инфериорно покрај максимално фокусираните и гладни за победа Австријци. Лесно е да се биде силен на зборови (н.з. мислат дека се најдобри наши во историјата), но треба тоа да се потврди и на теренот. И треба да бидат мажи и сите да застанат пред јавноста кога ќе ’оплескаат’, да признаат и дека не се така добри како што мислат, затоа што претходно ги победиле Гибралтар играјќи во лер и Лихтенштајн со ’доминантна игра’ на средината на теренот.

Убаво е да си самоуверен, но лошо е ако тоа преоѓа во самобендисаност, затоа што си бил првопласиран меѓу најслабите – во групата Д од Лигата на нации.

Се вчитува...