(ИН)ДИРЕКТ: За Европа ние „кубур“ немаме

(ИН)ДИРЕКТ

Никола Ѓуровски

Тие сме. Ние, Гибралтар, Сан Марино и Косово. Единствените „лузери“ во цела Европа, без ниту еден чекор напред во фудбалска Европа. Четири екипи, пет елиминации во првичните квалификации. И тоа кога екипите од врвна европска класа се на претсезонски турнеи на Далечниот Исток.

Некои за смешка ќе речат, не ни оди како Северна. Ама не е за смеење работава.

Не паметиме кога македонските фудбалски клубови последен пат имале ваков катастрофален настап на меѓународна сцена. И треба добро да ги тресне сите од земја и да ги освести. Пустите тие се израдуваа дека Макфудбалот ќе излезе на хоризонтот преку екраните на „Арена Спорт“. Знаат и тие како стојат работите, но се радуваат дека оваа сезона нема да се мачат со плаќање котизација – на сто рати!

На Академија Пандев и беше првпат, Шкупи со „луда среќа“ и дојде до Европа откако две кола претходно се спаси од испаѓање, а Македонија ЃП ја „честеше“ Вардар откако се „самоуби со трик“ на европски начин. Ништо посебно и не се очекуваше.

Но, кога и шампионот ќе биде елиминиран од тимови од Естонија и од Луксембург, а сите овде ја нарекуваме „европската Шкендија“, тогаш ни „Арена Спорт“ не не спасува. Па, дури и ако коментаторите го фалат македонскиот фудбал, како што ги величеа вардарци во походот на ракометна Европа.

Маргиналци сме за Европа, отсекогаш и сме биле. Но, сакаме така брзо да прелетаме неколку децении вложување, работа и чесен фудбал – и да ги стигнеме другите. Така не оди.

Прво ќе треба шампионот Шкендија да направи своја тренинг база, најтрофејниот Вардар да не игра во Маџари и да добие европска лиценца и да почне да дава плати, а за третото место да не се борат екипи кои имаат состав за едвај да се спасат од испаѓање.

За една седмица почнува нашата Прва лига. Да си гледаме во нашите гаќи и многу да не скокаме, оти за Европа ние „кубур“ немаме. И да не си го мериме…

Се вчитува...