ИН МЕМОРИАМ: Почина Војислав Зивчевиќ

Македонската кошарка остана без легендарниот Војислав Зивчевиќ (1961-2021) кој почина ноќеска на 60-годишна возраст. Популарниот Тумба во својата кариера ги бранеше боите на МЗТ Скопје, Работнички, Коначни Деликтес и Никол Ферт, а ќе остане запомнет како еден од предводниците на составот од Аеродром кој во сезоната 1986/87 избори место во Првата југославенска лига.

Со своите игри и пред се борбеност Зивчевиќ се избори и за место во тогашниот „Б“ тим на репрезентацијата на СФРЈ, па во кошаркарските кругови ќе остане запаметен како вреден, упорен и борбен играч, кој им пркосеше на сите противници, па дури и најголемите ѕвезди во тогашна Југославија.

Секогаш ведар, насмеан и расположен за кошаркарски муабети, последните неколку години од својот живот ги мина посветен на својот внук Тео во кого гледаше уште еден наследник во кошаркарската лоза Зивчевиќ, покрај својот син Ненад и ќерката Ивана.

Ова е уште една голема загуба за мак-баскетот кој во последните две години остана без Благоја Георгиевски – Буштур, Марјан Лазовски, Драган Василовски и Анте Дуковски…

Се вчитува...