Инфантино првпат се огласи по критиките за СП: „Доста ширите омраза од ТВ екраните“

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, првпат се огласи по завршувањето на Мундијалот 2026 одлучувајќи да возврати на критичарите на штотукузвршеното светско првенство.

Во долг пост по турнирот, тој ги обвини сите критичари дека се „изедени од омраза“ и им порача дека треба да „размислуваат, медитираат, се молат или да гледаат фудбалски натпревар“. Инфантино ја бранеше организацијата на првенството и тврдеше дека критичарите, наместо да го слават фудбалот, „шират омраза и лажни гласини“ и со тоа „ја пропуштиле целата радост и заедништво“.

Неговата порака беше објавена на неговиот личен профил на Инстаграм и на официјалните канали на ФИФА и јасно е насочена кон медиумите.

Соопштението доаѓа по првенството кое беше нарушено од контроверзиите околу ограничувањата за виза во САД, што влијаеше на навивачите и службените лица на неколку национални тимови. Реакции предизвика и укинувањето на автоматската суспензија на американскиот играч Фоларин Балогун по интервенцијата на американскиот претседател Доналд Трамп, како и истрагата за цените на билетите.

Во својата порака, Инфантино директно ги повика критичарите.

„До сите вас кои не ги видовте децата, бебињата, бабите, дедовците и родителите како се собираат за овој прекрасен натпревар, сакам да кажам дека ми е жал што игрите завршија и што ви недостигаше целата таа радост и заедништво. Жал ми е што бевте толку преплавени од омразата и критиките што ви недостигаше сè“, напиша тој, притоа дополнувајќи:

„До оние кои шират омраза и лажни гласини зад своите екрани со пенкало во рака, сакам да кажам: додека вие седите во позадина, ние во ФИФА сме во првите редови. Ние се организираме, работиме напорно и ја правиме најдобрата претстава во светот.“

Претседателот на ФИФА тврди дека „немало насилство или инциденти“ на Светското првенство, дека „безбедноста била 100 проценти“ и дека „само радоста и среќата“ владееле.

Тој изјави дека натпреварите ги гледале во живо седум милиони луѓе од повеќе од 200 земји. Им се заблагодари на владите домаќини – Канада, Мексико и Соединетите Американски Држави – како и на полицијата и волонтерите, кои помогнаа да се направи, како што рече, „најодличното Светско првенство на ФИФА“.

Контроверзии со визите и дисциплинските мерки

Голем дел од изјавата на Инфантино беше одговор на проблемите што го одбележаа турнирот. ФИФА се соочи со критики поради ограничувањата за патување во САД што ги погодија навивачите и службените лица од Иран, Хаити, Сенегал и Брегот на Слоновата Коска. На сомалискиот судија Омар Артан исто така му беше одбиена виза за влез во САД.

Инфантино ги бранеше процедурите за виза.

„Ги споменавте тие неколку луѓе на кои им беа одбиени визи, а ги игнориравте милионите на кои им беа доделени визи, од сите делови на светот. Фудбалот го обединува светот, а ова лето тоа беше импресивно докажано“, се вели во неговото соопштение.

Тој, исто така, се осврна на критиките за дисциплинските одлуки, првенствено на укинувањето на автоматската суспензија на Фоларин Балогун. Американскиот напаѓач доби црвен картон на натпреварот против Босна и Херцеговина, но неговата суспензија беше укината. Трамп подоцна потврди дека разговарал со Инфантина за случајот пред ФИФА да објави дека Балогун може да игра против Белгија. ФИФА тврди дека одлуката ја донел независен дисциплински комитет, но овој потег предизвика обвинувања за политичко мешање од УЕФА, Белгиската фудбалска асоцијација и европските претставници.

Иако не го спомена директно инцидентот, Инфантино напиша дека „„сомнителните“ судиски одлуки или „чудните“ дисциплински пресуди се рутински и широко прифатени појави во некои од најголемите лиги во светот“.

„Интересно е што критиките доаѓаат токму од земјите што применуваат таква практика“.

Во меѓувреме, Норвешката фудбалска асоцијација потврди дека планира да поднесе официјална жалба до ФИФА за улогата на Трамп во случајот Балогун.

„Нека фудбалот биде над омразата“

На крајот, Инфантино ги повика критичарите да се фокусираат на способноста на фудбалот да ги обедини луѓето.

„Оние кои губат време и енергија мразејќи нè, ве молиме одвојте еден момент да размислите, медитирате, се молите или гледате фудбалски натпревар и навистина да ги набљудувате лицата, очите и емоциите“, напиша тој.

Тој ја заврши својата порака со повик: „Нека фудбалот биде над сета омраза“.

Се вчитува...