Иниеста со емотивно писмо се збогуваше со „фуријата“

По 14 години и 131 натпревар во дресот на националниот шпански фудбалски состав, Андрес Иниеста се збогува со репрезентацијата. Раната елиминација на „црвената фурија“, веднаш по групниот сегмент на Светското првенство, го принуди капитенот да се повлече порано од посакуваното. 34-годишниот Иниеста кој беше дел од шпанскиот состав што ги освои европските титули во 2008 и во 2012, како и светското злато во 2010 година, со емотивно писмо се збогуваше од националниот дрес.

„Мислам дека бев среќен што бев дел од репрезентацијата во еден од најдобрите периоди. Играв со одлична генерација играчи кои беа посебни во многу работи. Постигнавме голем успех, работи за кои што сонувавме, но минавме и тешки периоди со големи разочарувања. На крајот, ви благодарам што ме направивте подобар соиграч и фудбалер. Беше задоволство да се поминат сите овие години со вас“ – вели Иниеста во делот посветен на соиграчите.

„Сега е време да се повлечам. Иднината на шпанскиот репрезентативен фудбал е возбудлива. Тие се одлична група играчи кои од сега па натаму во мене ќе го имаат најголемиот поддржувач“ –  продолжува Иниеста кој смета дека Шпанија има капацитет да се врати на славните патеки.

Андрес Иниеста покрај со шпанската репрезентација, се раздели и со Барселона во која го мина целиот професионален живот. Следниот негов клупски предизвик е јапонскиот Висел Кобе.

Се вчитува...