Интер го купува Ериксен за 18 милиони евра!

Интер излезе како победник од трката по Кристијан Ериксен, договарајќи го трансферот што би требало да се комплетира во следните 48 часа. Тотенхем мора да го продаде плејмејкерот за во јули да не го загуби без никаква отштета, лондонскиот клуб инсистираше на 20 милиони евра, но ќе даде мал „попуст“ во преговорите со „нероаѕурите“.

Италијанските медиуми тврдат дека работата е речиси завршена, Интер ја крена почетната понуда од 10 на 15 милиони евра, Тотенхем ја одби, но по понудените 18 милиони евра двата клуба си подале рака. Со тоа е дадено зелено светло агентот на Ериксен да отпатува за Милано за да ги комплетира завршните детали од трансферот на фудбалерот кој дефинитивно ќе му биде од голема помош на Антонио Конте во трката за скудетото.

Ериксен ќе добие договор до јуни 2024 година со плата од 9 милиони евра по сезона, како и богат бонус при самиот потпис на договорот.

Во завршна фаза се преговорите за уште двајца фудбалери кои ќе пристигнат од Премиер-лигата во редовите на „нероаѕурите“ во овој преоден рок. Ешли Јанг е на чекор до „Џузепе Меаца“ откако одбил да настапи на последниот меч на Манчестер Јунајтед, инсистирајќи да му биде дозволен трансфер. Исто како Ериксен, и Јанг има договор до крајот на сезонава, поради што е достапен за отштета од 1,5 милиони евра.

Покрај него, се финишира и трансферот на Оливие Жиру, кој се согласил и на помала плата само за што поскоро да замине од Челси. Лондонскиот клуб бара пет милиони евра за овој напаѓач, кој би бил резерва на Ромелу Лукаку во Интер.

Се вчитува...