Интер го купува голманот што најмногу од сите го мрази Јувентус

Интер со фантастичен пресврт го победи Милан, но на Антонио Конте му стана јасно дека има проблем со голманската позиција. Самир Хандановиќ е повреден, а проблемот по се изгледа не е нималку наивен, па се очекува паузата на Словенецот да е подолга од првичните прогнози на лекарите.

Падели не се прослави на градското дерби, факт е дека можеше да реагира многу подобро при двата гола на „росонерите“, па челниците на Интер со право почнаа потрага по нов голман. На врвот од листата со желби е Емилијано Вивиано, 34-годишен чувар на мрежата кој го исполнува главниот предуслов – моментно е без клуб и може да пристигне на „Џузепе Меаца“ веднаш како слободен играч.

Овој искусен голман веќе беше дел од Интер, но не доби шанса да ги покаже квалитетите. Имаше и неуспешна авантура во Спортинг Лисабон, а извесно време беше на позајмица во СПАЛ. Главна препорака му е фактот дека најмногу од сите го мрази Јувентус, за што во неколку наврати има отворено говорено, како повеќе се радува на поразите на „старата дама“ отколку на победите на своите тимови.

Јасно е дека со ваков став, тој веднаш би ги придобил симпатиите на навивачите на „нероаѕурите“, кои се еуфорично расположени по дерби-триумфот над Милан со кој Интер се израмни со Јувентус на врвот на калчолигашката табела.

Се вчитува...