Интер го прегази Наполи во дербито на Италија

Дербито на 14. коло во италијанското првенство помеѓу Наполи и Интер заврши со гостинска победа од 0-3. Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас се најде на теренот од првата минута, а имаше и две одлични шанси да дојде до гол пред да биде заменет во 75. минута.

Наполи подобро го започна натпреварот и веднаш на отварањето имаше голема шанса преку Елмас, но обидот на Македонецот беше запрен од страната на Сомер. Неаполитанците продолжија со добрата игра, но не успеаја да ја затресат мрежата, а во истото успеа Чалханоглу кој во 44. минута упати „бомба“ кон голот на Мерет.

Грешката во одбраната на Наполи во 62. минута фудбалерите на Интер умешно ја искористија за втор погодок кој го постигна Барела со одличен продор во шестнаесетникот. Наполи продолжи да напаѓа, но Сомер беше на врвот на својата задача на голот, а одличната одбрана ја награди Турам со гол во 84. минута со кој ги запечати трите бода на својот тим.

Со новите три бода Интер се врати на првата позиција на табелата и остана два бода пред Јувентус, додека Наполи останува на делба на четвртото место заедно со Рома.

Standings provided by Sofascore

Се вчитува...