Интер има пеколен план: Иско и Модриќ во пакет на „Џузепе Меаца“

Амбициозните кинески газди на Интер не се откажуваат од намерата да го ангажираат Лука Модриќ, но „нероаѕурите“ не планираат да застанат тука, па најавуваат офанзива по уште еден ас на Реал Мадрид. Станува збор за Иско Аларкон, фудбалскиот генијалец кој воопшто не е дел од плановите на новиот тренер Сантијаго Солари и би можел наскоро да си замине од „Сантијаго Бернабеу“.

Иско е несреќен во Мадрид бидејќи стартуваше само еден меч откако Солари дојде за тренер, и тоа на куп-дуелот со нисколигашот Мелилја. Несогласувањата со тренерот се очигледни, па Солари го испрати Иско на трибините на „Олимпико“ на клучниот натпревар од ЛШ против Рома, протерувајќи го и од клупата за резерви.

Извори блиски до управата на Реал тврдат дека европскиот првак сериозно би размислил да го продаде Иско и во јануари доколку добие интересна понуда за овој играч. Тоа е проблем за Интер бидејќи „нероаѕурите“ имаат ограничен буџет за сезонава, за да не го нарушат финансискиот ферплеј, но затоа ќе имаат многу повеќе пари за трошење во летниот преоден рок. Доколку не дојде до мегапонуда од некој англиски премиерлигаш во текот на наредниот месец, можна опција би била и позајмица на Иско во Интер до крајот на сезонава, со обврзувачка клаузула за откуп на неговиот договор со Реал во текот на летото.

Се вчитува...