Интер заврши фантастична работа со ангажманот на Раџа Наинголан од Рома, но челниците на „нероаѕурите“ се свесни дека ќе мора уште повеќе да го засилат својот тим ако сакаат Лучијано Спалети да има конкурентен состав за „Серија А“, но и за натпреварите од Лигата на шамионите. Според „Газета дело спорт“, планот на Спалети е по Наинголан да се тргне во офанзива по уште еден квалитетен играч од италијанскиот шампионат, и тоа од редовите на градскиот ривал Милан.
Станува збор за Шпанецот Сусо, извонреден техничар кој најдобро се снаоѓа на десната страна од нападот. Тој има клаузула од 40 милиони евра за трансфер во странство, но тоа не важи за друг клуб од „Серија А“, па Интер ќе мора да се договори со Милан за трансферот да може да се реализира.
Спалети на тој дел од тимот го има Кандрева, но не е задоволен од поранешниот капитен на Лацио. Поради ова Интер во понудата за Сусо го вклучува токму Кандрева, но „росонерите“ многу повеќе би сакале во своите редови да го видат Марсело Брозовиќ. Едно е јасно, Интер создава многу посилен тим од оној ланскиот се со цел оваа екипа да се вклучи сериозно во трката за највисок пласман за наредната сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА