Челниците на Интер не престануваат со плановите за создавање на моќен тим со кој би го симнале Јувентус од тронот на италијанскиот фудбал, а дел од тој план е и „грабеж“ на најголемиот „бисер“ на актуелниот првак, Моисе Кеан. Италијанскиот репрезентативец ретко добива шанса, но веќе постигна шест гола сезонава, што му овозможи и прв сениорски настап во дресот на „аѕурите“.
Ситуацијата е јасна – додека е Роналдо во Јувентус, Кеан не може да се надева на улога на стандарден првотимец, уште повеќе ако се знае дека Јуве веќе почна преговори за да го ангажира и Мауро Икарди. „Нероаѕурите“ се обидуваат да го искористат тоа и веќе стапиле во контакт со менаџерот на младиот голгетер, Мино Раиола, не криејќи ја желбата да ја ограбат „старата дама“ во текот на летово. Проблем за Јувентус е што овој фудбалер има договор само до јуни 2020 година, не потпишувајќи продолжување на соработката иако преговорите траат речиси цела година.
Интер има две опции, да се обиде да го откупи Кеан во текот на летово за сума од дваесетина милиони евра, или пак доколку се договори со Раиола, да чека до истекот на неговиот договор со Јувентус, па потоа за поголема плата да го доведе Кеан во јуни 2020 на „Џузепе Меаца“. Во таборот на Јуве стануваат нестрпливи околу новиот договор, а ако истиот не биде потпишан во следните триесетина дена, не се исклучува можноста Кеан да биде вклучен во понудата до Интер за Икарди, за да се избегне ситуација тој наредното лето да си замине без никаква отштета од Торино.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА