Интер потклекна пред Елмас и Наполи

Елиф Елмас и Наполи се на чекор до пласман во финалето од Купот на Италија, откако во првиот полуфинален дуел на гостински терен го совладаа Интер со 0-1. Македонскиот репрезентативец ги одигра сите 90 минути, и тоа како лево крило, заземајќи го местото што вообичаено му припаѓа на Лоренцо Инсиње.

Иако не влезе во стопроцентна шанса за гол, Елмас одлично се снајде, даде значителен придонес помагајќи и во одбраната, уште еднаш максимално користејќи ја укажаната шанса од тренерот Гатузо.

Фабијан Руиз беше херојот на „наполитанците“, откако шпанскиот репрезентативец постигна прекрасен погодок од дваесетина метри, сместувајќи ја топката во горниот агол од мрежата на „нероаѕурите“. Интер по примениот гол тргна во целосна офанзива, Конте ги уфрли и Алексис Санчез и Ериксен како поддршка за Лукаку и Лаутаро Мартинез, но Елмас и соиграчите го издржаа притисокот, па во реваншот во Неапол ќе влезат со еден гол предност.

Се вчитува...