Интер потврди: Без Алексис Санчез во полуфиналето од ЛЕ

Интер ќе биде ослабен за полуфиналето од Лигата на Европа против Шахтјор откако беше официјализирано дека Алексис Санчез нема да му биде на располагање на Антонио Конте за оваа средба. Чилеанецот влегуваше во игра во второто полувреме и против Хетафе и против Баер Леверкузен, но на дуелот со „фармацевтите“ заработи незгодна повреда на мускулот.

Деталните лекарски прегледи на медицинскиот тим на „нероаѕурите“ донесоа и лоша вест за Конте, станува збор за истегнување на мускулот, а состојбата ќе биде повторно прегледана за неколку дена.

Интер се среќава со Шахтјор на 17 август, а лекарите веќе му соопштиле на Конте дека е невозможно чилеанскиот голгетер да успее да се рехабилитира навреме за овој полуфинален натпревар. Во таборот на „нероаѕурите“ постои оптимизам дека Алексис би можел да биде „фит“ да одигра триесетина минути во финалето што е закажано за 21 август, но најпрвин ќе треба да се заврши потешкиот дел од задачата, да се триумфира над украинскиот состав кој игра одлично по паузата поради коронавирусот.

Се вчитува...