Интер само до бод во Украина, Ајакс лесно против Бешикташ

Интер е без постигнат гол и по второто коло во Лигата на Шампионите откако „нероаѕурите“ ремизираа 0-0 на гостувањето против Шахтјор. Италијанскиот првак слично како и на премиерниот меч со Реал повторно создаде неколку извонредни шанси, но немаше среќа топката да заврши во мрежата на одличниот Пјатов.

Барела се обиде во петнаесеттата минута, но неговиот удар од далечина заврши само во рамката од голот на Шахтјор. Украинците беа нешто подобар ривал на почетокот до второто полувреме, но Интер повторно притисна пред крајот на мечот, кога Кореа и Де Фрај упатија опасни шутеви, но Пјатов ја сочува својата мрежа незатресена.

Ајакс рутински ја одработе задачата на домашен терен против Бешикташ (2-0), за втора победа во серија во групната фаза од ЛШ. Турскиот првак допатува во Амстердам без дури 11 фудбалери, но и со значително ослабен состав ја имаше првата шанса на мечот, но ударот на Батшуаи заврши само во дирекот. Ајакс потоа ја презеде иницијативата, создаде бројни шанси и веќе до крајот на првото полувреме стигна до водство од 2-0 со головите на Бергхујс и на Халер. Холандскиот гигант можеше да стигне до уште поубедлива победа во вториот дел, но Халер од идеална позиција промаши празен гол со ударот со глава од пет метри по извонредниот центаршут на Тадиќ.

Се вчитува...