Интер без многу мака прокнижи нови бодови на калчолигашката табела, по победата од 3-0 што „нероаѕурите“ ја забележаа против Верона. Мауро Икарди по четирите гола против Сампдорија продолжи со силно голгетерско темпо и на денешниот дуел, постигнувајќи го првиот гол по само 35 секунди игра. Перишиќ зголеми на 2-0 уште во првото полувреме, за потоа Икарди со нов погодок да стави точка, како увертира за градското дерби со Милан што ќе се игра в среда.
Лацио се соочи со неочекувани проблеми на дуелот со Беневенто, иако гостите од седмата минута настапија со фудбалер помалку по исклучувањето на Пиџони. По водечкиот гол на Имобиле се чинеше дека победата ќе биде рутинска, но „фенерџијата“ изненади откако постигна два гола со фудбалер помалку, па по 51 минута игра резултатот гласеше 1-2. Сепак, „лацијалите“ собраа сили за нов пресврт и со головите на Каиседо, Де Фрај, Имобиле, Луис Алберто и на Лукаш Леива стигнаа до посакуваните три бода (6-2).
Горан Пандев и Џенова пропуштија шанса да слават над СПАЛ, ремизирајќи 1-1 иако имаа водство од 1-0 и фудбалер повеќе, но сепак примија гол во второто полувреме.
Резултати Италија:
Болоња – Рома 1-1, Интер – Верона 3-0, Лацио – Беневенто 6-2, Фиорентина – Кротоне 2-0, Џенова – СПАЛ 1-1, Аталанта – Удинезе 2-0, Калјари – Торино 0-4.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА