Фудбалерите на Интер направија џиновски чекор кон скудетото откако вечерва на гостински терен ја совладаа Аталанта со 0-2. Аталанта во минатото коло го преслуша Јувентус, но избраниците на Гасперини не можеа да повторат во сличен стил и против „нероаѕурите“, кои одлично ги затворија приодите кон сосптвениот гол, па два гола им беа и повеќе од доволни за да стигнат до трите бода.
Најубавата шанса во првото полувреме ја имаа гостите, кога Турам излезе еден на еден со голманот, но биеше само во дирекот од голот на Аталанта.
Пред еден корнер на Интер во второто полувреме дојде до краток прекин откако еден навивач на „нероаѕурите“ имаше здравствени проблеми, па играта не течеше додека му беше укажувана помош. Штом се заврши со лекарската интервенција Чалханоглу го изведе корнерот и токму тогаш Интер поведе, со голот што го постигна Аугусто со прецизен удар со глава.
Аталанта на десетина минути пред крајот остана со играч помалку по црвениот картон на Едерсон, а Интер знаеше како да го искористи тоа и преку Лаутаро Мартинез стави печат на победата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА